ОПИС

„TYPO“ е програма (веб страна) која ќе ви овозможи да го креирате и проверите Вашиот текст. Иако наликува на обичен „spell-check“, неговите функции се побројни и многу понапредни.

Неговата основна намена е да им ја олесни работата на лекторите но и на сите кои пишуваат: новинари, административци, ученици... Се надеваме дека со обележувањето на дијалектните зборови и основните правописни грешки, ќе влијае на зголемување на писменоста кај авторите на текстовите а со тоа и кај нивните читатели.

Неговите основни предности се:

Програм за обработка на текст

Пред сѐ, „TYPO“ е едноставен програм за обработка на текст, но доволно способен да одговори на вашите потреби. Замислен е како алатка која ќе ви овозможи да го внесете основниот текст, да го проверите, па потоа да го однесете во програмите како што се Word, PowerPoint, InDesign, Illustrator… и таму да ги реализирате вашите дизајнерски идеи.

Посебна погодност е долната командна линија, која ќе ви овозможи полесно внесување на македонски букви, наводници, знаци…

Проверка на интерпункција

Ги проверува, автоматски ги менува или означува сите интерпункциски знаци и празни простори (space):

  • точка, запирка, прашалник, извичник, загради…
  • проверува дали наводниците се соодветни на македонските наводници
  • ги означува знаците кои се несоодветно поставени или употребени

Проверка на зборови

Неговиот „spell-check“ е далеку помоќен бидејќи:

  • паралелно проверува зборови од два јазика, македонски и англиски
  • базата на зборови ја надминува секоја база до сега направена на кој било „spell-check“ наменет за македонскиот јазик
  • проверува мала и голема буква
  • проверува изрази со неограничена величина (пр. се уште > сѐ уште)
  • проверува кратенки и мерки (пр. мр. > м-р, м2 > м2, 30м > 30 м)
  • за некои зборови кои се означени како грешни а не се типографска грешка, дава објаснување зошто се грешни и пример за правилна употреба

Некои од проверените зборови ќе бидат автоматски сменети (пр. се' > сѐ), некои ќе бидат обележани како неточни (црвени), како потенцијално неточни (подвлечено со црвено), односно зборови кои не постојат во базата или со сина боја доколку се зборови кои можат да бидат заменети со „поточни“ или „помакедонски зборови“.

Со цел полесно да ги проверите, потенцијално неточните зборови ќе бидат наведени на крајот на текстот.

TYPO НЕ Е ЗАМЕНА ЗА ЛЕКТОР. Иако во многу случаи помага, TYPO не препознава еднина, множина, род… Бидејќи проверува само зборови, „потшишана спогодба“ ќе помине како точно.

Конвертор на македонски фонтови

Во постарите Word текстови најчесто се употребувани македонски фонтови (со латинично кодирање на буквите) како што се: МAC C SWISS, MAC C TIMES, Pulstajms7, Matka и сл.

Во TYPO експериментално е вграден конвертор на овие фонтови во „Times New Roman“ кој е со „UNICODE“ систем на кодирање и поддржува македонска тастатура. Иако TYPO се труди да ги препознае ваквите фонтови, сепак пожелно е тие да бидат МAC C SWISS или MAC C TIMES.

Во секој случај, доколку пријави вакви фонтови, внимателно прочитајте го текстот по конверзијата.

Препознава списоци (листи)

Некои корисници не ги користат можностите за автоматски набројувања, точки и потточки (bullets). TYPO при проверката ќе ги препознае овие набројувања и ги претвора во автоматски дефинирани, па така:

- прв ред
- втор ред
- трет ред

ќе биде претворено во:

  • прв ред
  • втор ред
  • трет ред

За директен говор употребувајте: „–“ или „—“.

Проверка на цели книги

Во досегашното тестирање и најдолгите текстови биле успешно прегледани и нема ограничување во големината на текстот.

Забелешка: При поголеми текстови, пренесувањето на текстот од Word во TYPO одзема повеќе време а проверките се многу обемни и на моменти ќе ви се причини дека програмот застанал со работа. Причекајте и следете ја црвена линија за прогресот на проверката. Ви препорачуваме да не внесувате повеќе од 50 страни текст.

InDesign

При пренос на текст од Word во InDesign (place-наредба) се пренесуваат слики, форматирања, стилови… кои не се употребливи во процесот на дизајн и печатење:

  • Сите слики и бои се во RGB, што е несоодветно со CMYK професионалното печатење
  • Форматирањата на табелите се некомпатибилни со InDesign
  • Кај текстовите пренесува премногу форматирања - стилови (не се знае кој е за што), што доведува до потреба целиот текст да се унифицира итн.

Отстранувањето на овие проблеми е напор, но и чисто губење време. Воедно, при тој процес ќе ги отстраните и потребните форматирања па нема да знаете каде текстот бил Bold или Italic, каде имало цитат, на која страна беше сликата и сл.

TYPO го решава овој проблем, со тоа што прави унифицирање на текстот и табелите, за сликите означува каде имало слика а притоа ги задржува основните форматирања.

Но најважно е, доколку проверениот текст го вратите во Word и го снимите, при внесувањето на овој Word документ (place) нема да пренесе ниеден карактер стил а ќе пренесе само два параграф стилови, „normal“ i „normal (Web)“. Еден од овие избришете а стилот кој ќе остане всушност е „body“ и докoлку правите измени во него тие ќе се однесуваат на целиот текст (освен за фусноти). Сега сте спремни врз основа на овој стил да ги формирате другите стилови за наслови, табели, набројувања, фусноти…

Забелешка: сето горе опишано за InDesign е можно само ако прво го пренесете текстот во Word со копчето за копирање а потоа снимениот Word документ го внесете во InDesign со „place“ наредбата. Исто така, во InDesign треба да употребите фонт-фамилија која ги содржи барем основните фонтови: normal, normal italic, bold, bold italic, односно фонтови како што се: Аrial, Times New Roman, Cambria…

НАПОМЕНА

TYPO е мал програм, кој воедно не е ни инсталиран на вашиот компјутер (што би му овозможило поголема моќ и побрз пристап до податоците). Неговата величина е одредена со сегашните интернет можности. Преголем програм би бил нефункционален бидејќи би требало време да се отвори страната а тоа би значело паѓање на серверот и неможност за опслужување на поголем број на корисници.

Со дадената негова величина тој е способен да ги препознае речиси сите форматирања кои можете да ги внесете (при пренос со „Copy-Paste“), но од корисниците на Word, во досегашната практика, откривме дека се способни да направат многу чудни работи при форматирање на текстовите и табелите. Некои од тие работи можеби нема да ги препознае, а во крајна линија можат и да ја блокираат страната.

Затоа ви напоменуваме дека: НЕПРАВИЛНО ФОРМАТИРАНИОТ ДОКУМЕНТ, НЕПРАВИЛНО ЌЕ СЕ ОТВОРИ ВО TYPO.

КОНТАКТ

Сите забелешки, коментари, идеи, како и помош од стручни лица се добредојдени. Примарната цел е TYPO да стане подобра и покорисна алатка, која на сите што пишуваат ќе им го олесни животот и ќе им помогне подобро да го научат македонскиот јазик.

е-пошта: sprintmk@yahoo.com